
Големиот успех на македонската кошаркарска репрезентација на Европското првенство во кошарка одржано во Литванија во 2011. година, значително придонесе во популаризацијата на овој спорт кај сите генерации. Слободно може да се каже дека стана омилен спорт кај младите. Маалските кошеви беа преполни.
Но, во последниве години, се чини дека овој спорт како да го нема повеќе тој сјај и не се игра со толкав интензитет. Се чини дека фудбалот повторно е број еден.
Во овој краток текст нема да ги бараме причините за оваа претпоставка, туку ќе ве запознаеме со неколку аспекти на позитивното влијание на кошарката.
Во многу земји ширум светот кошарката е најпопуларниот спорт помеѓу рекреативците. Се претпоставува дека околу 400 милиони луѓе на планетава играат кошарка.
Според правилата кошарката е тимски спорт кој се игра помеѓу две екипи. Но, во пракса се потврдува дека тоа е флексибилен спорт кој може да го играте на повеќе начини, па дури и сами, шутирајќи слободни фрлања или тројки.
Кошарката и другите спортови
Од научна гледна точка, согласно меѓународните био-механички истражувања, кошарката се вбројува во потешките спортови. Кошарката претставува добра основа за бавење со било кој друг спорт заради развојот на моториката, координацијата, прецизноста, рамнотежата, скочноста кои се само некои од квалитетите со кои поединецот се стекнува преку овој спорт и кои му носат голема добробит.
Најдобар пример за тоа е легендата на хрватскиот ракомет Ивано Балиќ кој долго години играл кошарка, пред да одлучи да игра ракомет. Очигледно е влијанието на кошарката во неговото движење и водење на топката, поради што противниците имаа големи проблеми да го чуваат и да го проценат неговиот стил на игра кој во својата основа ги има кошаркарските движења.
И покрај тоа што никогаш не е доцна да почнете да се бавите со некој спорт рекреативно, сепак, кошарката е спорт кој најдобро се учи и совладува на детска возраст во периодот од шестата до десеттата година, период за кој се смета дека претставува „златно доба за развој на децата“.
Долго години атлетиката, гимнастиката и пливањето се сметале за основните спортови, чии елементи се составен дел од сите други спортови, сепак последните истражувања потврдуваат дека преку кошарката, младите можат да стекнат универзални квалитети кои можат да им помогнат побрзо да совладаат одредени специфични елементи од другите спортови. Ако се извежбаат доволно добро, поголемиот број на движења стануваат автоматски кај поединецот.
Позитивно влијание врз здравјето
Да погледнеме како кошарката позитивно влијае врз развојот на децата. Ова се некои аспекти
- Издржливост: како и другите спортови со висок интензитет, кошарката е добра за кардиоваскуларниот систем. Помеѓу периодите на трчање, скокање, водење на топка и периодот на одмор, децата го заокружуваат севкупниот интервал на тренингот, без да бидат свесни за тоа (интервал – тренинг е поим кој означува тренинг во кој се менуваат повеќе активности што бараат различен степен на брзина, напор и слично). Интервал тренингот го зголемува аеробниот капацитет, енергијата и метаболизмот, како и концентрацијата.
- Моторичка контрола: способноста да ги контролираме нашите раце и нозе во просторот може да дојде природно, но способноста на движење и прецизно шутирање во текот на натпреварот бара посебна обука и вежбање. Изведбата на вежби на теренот и надвор од него со топка, овозможува развој на мускулната сила, контрола на положбата на телото во однос на противникот и планирање на успешни секвенци на движење.
- Стабилност и јакнење: брзината на тренингот, движењето напред – назад, повеќенасочното трчање, пивотирање, свртување во кошаркарската игра се голем предизвик за мускулите и посебно за структурата околу зглобовите. Во организираната кошаркарска игра децата учат сигурни и успешни начини како да блокираат, поминат, украдат топка, скокаат и трчаат без да се повредуваат себе си и другите. Спортовите со топка, како што е кошарката, се одлични за развивање на рамнотежа кај децата и го зајакнуваат телото.
- Координација: како и кај поголемиот број екипни спортови, кошарката бара координација на горниот дел од телото, вкупна координација на телото и координација на раката со окото (при додавање и шутирање). Дриблинг, примање топка, додавање, шутирање бараат планирање, прецизност и брза реакција. Одењето наназад, вртењето или трчањето додека се води топката, а истовремено се внимава на другите играчи е голем предизвик, но и интересна вежба за координација и свесност за присутност на телото во просторот.
- Брзина: Кошарката е брз спорт во кој натпреварувачите мора да мислат брзо и да реагираат брзо во игра кој постојано го менува текот и насоката. Младите спортисти работат на ментални техники освен на физички. Кошарката ја подобрува подвижноста кај децата и брзината заради потребата од брзо движење на телото и изведување на брзите напади.
- Социјални вештини: големата вредност на екипните спортови доаѓа од дисциплината и добрата комуникација кои се потребни за успех во играта. Младите спортисти учат од најрана возраст како да работат во тимска атмосфера, како да обрнат внимание на другите, и да реагираат соодветно. Дисциплината е потребна за присуство на тренинзите и почитување на правилата на игра. Тимските спортови ги подготвуваат децата за потребните друштвени интеракции кои доаѓаат подоцна во животот. Преку нив, децата ја учат и разбираат заедничката одговорност, тимската работа, соочувањето и реагирањето на победите и поразите, што се впрочем работи кои ни се случуваат во текот на животот.