мапа на цели

Кога човек има цел во животот, тој го осмислува давајќи му и насока, и тек. Но,  неминовно се наметнува прашањето како да се постави  цел, а притоа да се остане мотивиран сѐ до нејзино реализирање што е и клучен фактор за личен или професионален успех.  Мотивацијата, таа е клучниот фактор која треба да се одржи сѐ до постигнувањето на поставената цел, и е еден од најголемите предизвици за секој од нас.

 

Направете план!

 

Во различни земји во светот луѓето негуваат мали лични ритуали кога ги поставуваат/запишуваат своите цели, како на пример, околу Нова година или на својот роденден нешто си ветуваат или си замислуваат што сакаат да остварат и тоа го запишуваат како задача што треба да ја реализираат за одреден временски период, или пак постапуваат според советот на нивниот астролог или психолог. Дали некогаш сте се запрашале, колку вам ви е потребен ваков поттик?

Најчесто, колку тоа и да звучи досадно, луѓето прават план и тој функционира. Тука  нема никаква посебна „магија“, едноставно сѐ се запишува и се става во функција на негова реализација. Еве еден едноставен пример за тоа: кога одите на пазар вие однапред запишувате кои продукти ви се потребни да ги купите со цел да не пропуштите нешто. Истото го правите и кога се подготвувате за одмор.  Се чини дека планирањето е толку природно и составен дел од нашите животи што значи дека секогаш треба да го имаме. Но, кај некои од нас се случува  при донесувањето   важни одлуки да се движиме во правецот на нивно остварување, мислејќи дека е доволно само да знаеме која ни е целта, но не и начинот како да ја исполниме. И тука нема ништо погрешно, доколку ја оствариме поставената цел.

Но, искусните советуваат, ако го пропуштиме планирањето, веројатно ќе го пропуштиме и остварувањето на целта. Искуството секако дека треба да се почитува, зашто и почетокот е едноставен. Земете го мобилниот телефон или компјутерот, а ако сакате може и  нотесот и запишувајте.

Планирајте на дневна основа, неделно или месечно. Како и да се одлучите да планирате, секој план потребно е да ги содржи овие три компоненти:

Резултат – што сакаме да постигнеме.

Цел / смисла – зошто резултатот е важен за нас?

Активности – што ќе направиме за да го постигнеме тоа што го сакаме.

 

Трансформирајте една поголема цел во неколку помали

 

Да претпоставиме дека сакате да заштедите пари за да купите нов лаптоп или нешто друго. И  во моментот оваа желба ви се чини дека е невозможна зашто немате  толку пари, а ќе ги немате ни за кратко време. Но, да претпоставиме дека сте во можност да издвојувате по 1 евро на ден, тогаш вашата желба сепак изгледа достижна на крајот од годината, зашто поголемата цел се трансформирала во помали.

Идејата со овој пример е да поставите точки на проверка, некој вид на контролни точки за секоја од вашите важни цели и одлуки. На пример, ако продавате компјутери, вие можеби ќе си поставите цел да продадете 60 парчиња во рок од 30 дена и да остварите 30 % профит. Оваа цел може да ја поделите на две помали. Првата е да продавате две парчиња дневно, а втората е да создадете промотивен план. На овој начин фокусирајќи се на двете помали цели вие работите на остварување на поголемата цел.

 

Побарајте совет

 

За остварување на некои цели понекогаш е потребна и поддршка. И нема ништо лошо во тоа да побарате совет од пријател или роднина. Особено ако се работи за цел за која ви е неопходно  да слушнете и туѓо мислење. Едноставен пример за тоа е кога некои луѓе носат одлука да ги остават цигарите. Оптоварени од  тоа дали ќе успеат да ја остварат целта тие често зборуваат за својата одлука и ја споделуваат во својот круг на пријатели со цел да им дадат поддршка која им е неопходна. Други пак дури и претеруваат во зборувањето како ќе ги остават цигарите и дури стануваат напорни за непосредното опкружување, но и тие тоа го прават со истата цел, ја очекуваат поддршката. А некои од нив пак, за жал, уште од самиот почеток ги обесхрабруваат, зашто слушаат како им велат дека не можат да го постигнат тоа, нема шанси да се откажат од пушењето цигари. Во ваков случај и не треба да се бара туѓо мислење, туку да се верува во себе и да се граби кон целта колку и да изгледа тешка. Ваквите однесувања и постапки се реални зашто и одлуката е голема и важна и бара многу напор за нејзино реализирање.  Но, поддршката и вербата дека ќе се успее секогаш и кај секого треба да биде присутна.

 

Една по една

 

Знаеме дека кога нешто посакуваме, особено кога посакуваме промена, посакуваме таа да се случи веднаш. При носењето на одредени  одлуки некои работи се поклопуваат, пример за тоа е кога сакаме во исто време да ослабиме и да го зацврстиме нашето тело. Или пак сакаме да патуваме и да учиме нешто ново, некој нов јазик, да заштедиме пари и да уплатиме за одмор, а во исто време и да ја искористиме поволната понуда.

Кога се работи за исполнување на вашите цели, т.н. „мултитаскинг“ не е добредојден, бидејќи најчесто не функционира. Понекогаш, некои цели се слични и можат во исто време да се исполнат, препораката на искусните е да посветите време за исполнување на не повеќе од две цели во исто време, бидејќи на тој начин заштедувате голема количина на енергија и време.

 

Кладете се на себе

 

Се разбира, не мислиме на коцкање. Се работи за менталниот став дека никој не сака да биде губитник. Ова е многу важно, посебно доколку само ние сме одговорни за нашите победите или за нашите порази. Желбата да не се биде губитник може во голема мера да ја зголеми мотивацијата и да го задржи вашиот фокус. Затоа кладењето сам со себе, значи да покажете од што сте направени. Да докажете дека сте победник.

 

Наградете се себе си пред исполнување на вашата цел?!

 

Некои луѓе овој пристап го негуваат и тој  може да биде многу мотивирачки, но и опасен во исто време. Сѐ зависи од тоа каква личност сте. Затоа бидете внимателни. Можете да се наградите кога ќе забележите дека речиси сте успеале и дека вашата цел е на повидок. Тоа најчесто се случува тогаш, кога сте го завршиле најтешкиот дел од работата и ви преостанале само уште неколку чекори до целта. Ако во тој момент земете дел од вашата награда може дополнително да ве мотивира да го завршите тоа што сте го започнале.

На крајот малку статистика. Само 8 % од оние кои ги поставиле своите цели за Нова година ги оствариле истите во текот на годината. Ако сте во овие 8 % ве молиме споделете го вашето искуство. Доколку не сте, искористете ги овие совети. Нема изговори.

Успехот ќе дојде ако работиме напорно и паметно. До вас е.


Вратете се во игра!

  

 

Leave a Reply