was successfully added to your cart.

Cart

Во 2018. година на Филипините, Душан „Булут“ Домовиќ, Марко Савиќ, Дејан Мајсторовиќ и Стефан Стојачиќ го освоија златиот медал на Светскиот шампионат во 3 х 3 кошарка во организација на Светската кошаркарска асоцијација (ФИБА). Со четири златни медали, од кои три последователни, и еден сребрен медал, националниот тим на Србија стана далеку најуспешната селекција во засега кратката историја на 3 х 3 баскет турнирите. Да слушнеме што имаат да кажат шампионите.

Душан, кажи ни какво е чувството да си шампион по четврти пат и да го водиш националниот тим на Србија кон уште еден историски успех? Имено, ти беше прогласен и за МВП играч со што беше награден за твојата фантастична игра на Светскиот куп.

Секоја победа значи многу, секоја титула, секој медал. Златниот медал навистина многу ми значи, но нема да ве лажам, наградата за најкорисен играч (МВП) ми значи најмногу. Имавме навистина лош почеток оваа сезона и искрено се прашував себе си дали можеби помина моето време. Не престанав да тренирам од последното финале во Светскиот куп, но исто така, вложив многу време и во мојата психичка подготовка за да бидам подготвен за сите предизвици што ги носи новата сезона, како и за мојата лидерска улога.

Секоја сезона се фокусираме на ова натпреварување и се подготвуваме за ова, така што јас бев во својата најдобра физичка и ментална форма. За мене најдобриот играч не е само оној кој игра добро на теренот, туку и оној кој е лидер на најдобриот тим во светот, а на овој турнир јас ја преземав таа улога. Сѐ што сакав е да докажам како на себе си, така и на другите, дека имам капацитет за да бидам најдобриот.

Изгледа имавте релативно лесна задача во првиот дел од натпреварувањето, но подоцна дојдоа и потешки противници. Повторно игравте против Холандија во финалето. Дали оваа победа беше извојувана потешко отколку од претходниот пат?

Морам да признам дека имавме многу среќа во текот на целиот турнир. Освен натпреварот со Холандија, го имавме најлесниот распоред на шампионатот, што ни даде време да се подготвиме подобро, бидејќи пред турнирот и немавме многу време за тоа. Исто така, во четврт финалето игравме со најлесниот противник и тоа дополнително ни ја зголеми самодовербата. Полуфиналето ни беше најтешкиот натпревар, бидејќи едноставно не бевме подготвени. Никој не очекуваше дека Полска ќе победи, а нашето внимание беше насочено кон Монголија и Латвија. Имавме свои падови во играта, но ги издржавме нивните напади, игравме паметно и успеавме да израмниме неколку пати. Ова очигледно беше игра на среќа и луди шутеви кои овој пат беа на наша страна. Финалето беше навистина грдо. Не постои ниту една тајна помеѓу двата тима. Знаеме сѐ едни за други, сме играле многупати претходно. Ние сме добри пријатели и надвор од терените, споделуваме многу работи за нашите приватни животи, па дури и имаме и приватни бизниси заедно – а потоа треба да играме едни против други за златен медал во финалето – не знам како може да не биде тешко сето тоа. Но, мислам дека нашите силни карактери и ментална сила, како и силната волја и квалитетот што го покажавме на овој турнир го одлучија мечот.

Марко ти си еден од играчите кој учествуваше на сите пет светски шампионати, ова е твојот четврти златен медал, кои се твоите впечатоци?

Овој шампионат беше различен и специфичен за сите нас во однос на претходните, бидејќи игравме со различна постава. Овој пат го немавме Марко Здеро кој беше заменет од Стефан Стојашиќ, по одлука на Српската кошаркарска федерација. Стојачиќ е одличен играч. На почетокот бев загрижен за првиот натпревар против Холандија, бидејќи немавме доволно време да се подготвиме и уиграме, заради обврските на други турнири. Кога го добивме натпреварот видов дека тој одлично се вклопи во тимот и немав сомнежи дека ќе одиме до крај. И тоа се случи. Имавме многу тежок меч против Полска, кои беа навистина добри, и го добивме мечот со голема среќа – шутот на Дејан беше пресуден. Финалниот натпревар беше реприза на финалето од 2017. година. Тоа беше уште еден тежок натпревар кој успеавме да го добиеме.

Дејан, ти ги постигна можеби најважните поени на турнирот за твојот тим – двата поена за победа во полуфиналето, против навистина тешкиот противник во една неизвесна ситуација при резултат 19:19. Како се чувствуваше во тој момент? Дали ова можеби беше најтешкиот натпревар на турнирот?

Имав навистина многу среќа со тој шут, но јас се чувствував одлично во текот на целиот натпревар и му реков на Душан да ми дозволи јас да шутирам, бидејќи верував оти можам да погодам. А чувството после шутот беше неверојатно. Овој натпревар заедно со финалето беа најтешките за нас на целиот турнир. Полска погоди 7 или 8 шута за два поена, тие беа подобри од нас, но ние покажавме карактер и победивме.

Пред полуфиналниот меч танцуваше со Мајк Хикс во соблекувалната. Изгледа дека меѓу двата национални тима постои пријателство?

Надвор од теренот, ние сме многу добри пријатели. Мајк секогаш ни пушта српска музика и ние почнуваме да играме, а непосредно пред тоа видео јас го научив да го игра српското оро „Коло“

Стефан, ова беше твојот дебитантски настап за националниот 3 x 3 тим и се враќаш со златен медал на твоите гради. Сподели некои од твоите импресии.

Импресиите се фантастични. Како што реков, навистина ми претставува чест што сум дел од националниот тим заедно со овие момци кои по четврти пат го освојуваат златото. Се обидов да се вклопам во тимот и мислам дека на крајот испадна добро. Верувам дека како национален тим можеме да играме многу подобро и дека пред нас претстои светла иднина. Личните впечатоци се разбира се неверојатни – кога ќе освоите злато, навистина не знам како да го опишам тоа.

Дали постои некој момент од Светскиот куп на кој ќе се сеќаваш засекогаш?

Натпреварот против Полска го започнавме многу лошо, но со многу среќа успеавме да го добиеме во наша корист. Шутот за два поена што Мајсторовиќ го погоди во последните секунди и ни донесе победа, ми остави најголем впечаток.

Иако претходно не играше со Булут, Мајсторовиќ и Савиќ, изгледа дека имавте убава хемија на теренот. Како тоа изгледаше од твоја перспектива?

Атмосферата беше одлична. Тие ме прифатија прилично добро, оставајќи ги сите несогласувања од Светската турнеја зад нас, зашто тоа мораше така да биде. Сфативме дека националниот тим е најважен, многу повеќе, од било какво несогласување помеѓу нас. Ние сме вистински професионалци во овој спорт каде што логички постои ривалство, но надвор од теренот сме пријатели и колеги. Така што ние направивме одличен тим. Што се однесува до организацијата на Светскиот куп, Арената беше преголема и на почетокот немаше доволно публика, но на крајните натпревари беше полна и се направи одлична атмосфера. Инаку, сѐ останато беше добро организирано.

Leave a Reply