За моќта на изборот

За моќта на изборот и одлучувањето

 

Текстот кој следи е извадок од предавање на еден од најпознатите мотивациски говорници на денешницата – Тони Робинс. Предавањето непосредно се однесува на еден од најважните (ако не и најважен) аспект од нашиот живот – а тоа е моќта на изборот и одлучувањето. Тони, на негов својствен начин, успева со едноставни примери да ја преслика анатомијата на изборот и носењето одлуки – како во секојдневието, така и во клучните моменти од нашите животи.

Воедно оваа тема е од голема важност и непосредно е поврзана со соочувањето и надминувањето на депресијата и анксиозноста, кои за жал се во подем ширум светот.
Да речеме во САД, зголемувањето на стапката на анксиозност и депресија беше директна последица од искусувањето на екстремен стрес поради големата економска криза која ги зафати пред десетина години.

Но стресот сам по себе не доаѓа од фактите, туку од значењето што им го даваме на фактите.
Ќе речеме: „Во ред, да, тие работи се случија.“ Но, ако се бориме со тоа што се случило тогаш имаме проблем. На нас е да донесеме одлука што ќе направиме и како ќе го смениме животот. Бидејќи, едноставно, кога наоѓаме ново значење, нова смисла, тогаш добиваме нов живот.

Да го погледнеме животот од друга перспектива и да се запрашаме себе си:
Која е единствената сила која го контролира квалитетот на мојот живот?
Кој е единствениот дар кој нашиот создател ни го дал?
Која е таа моќ што ја имаме во овој момент, која може да смени сѐ?

Тоа е моќта да избереме!!!

 

Ние не можеме да ги контролираме настаните, но можеме да избереме:
– на што да се фокусираме,
– на значењето на нештата и
– што да сториме.

Овие три избора, овие три одлуки го контролираат нашиот живот.
Не условите во кои живееме, туку нашите одлуки се пресудни за квалитетот на нашиот живот.

Размислете колку некоја ваша одлука влијаела врз тоа дали вашиот живот испаднал добар или лош. Какво влијание имала? На пример: Сте одлучиле да одите во некоја таверна и таму сте ја сретнале љубовта на вашиот живот. Или, сте донеле одлука да станете фотограф или инженер или бизнисмен. Тие работи влијаеле на вашиот живот, но вие сте ја донеле одлуката – „тоа го сакам“, „таков ќе биде мојот живот“. А таа една одлука влијаела толку многу во вашиот живот во она што го правите, како го живеете животот, како го минувате времето, како заработувате или не заработувате, кого привлекувате во вашиот живот, таа влијаела дури и врз вашите верувања. Сето тоа потекнува од некаква донесена одлука.

Нашите одлуки се нашата судбина

 

Ако сакаме нов живот и искуства мора да направиме нови избори. Промени го бизнисот што не ти се допаѓа повеќе, промени го телото, промени се себе си во крајна линија.

Но, што е одлука?
Тоа значи отфрлање на било кои други можности и целосна безрезервна посветеност на нешто што го поседува сиот свој потенцијал, сѐ што има. На крајот преземате акција.
Но, големите одлуки започнуваат со мали одлуки. Размислете, на што треба да се фокусирате, бидејќи на што и да се фокусирате тоа ќе го почувствувате.
Ако се фокусирате на сите лоши нешта кои ви се направени од неправедни луѓе, тогаш најверојатно ќе се чувствувате пеколно. Ако се фокусирате на сите прекрасни коинциденции – сте запознале посебна личност или сте избегнале несреќа, тогаш можеби ќе се чувствувате благодарно.
Ако се фокусирате на негативното во луѓето тоа ќе го најдете: Ако се фокусирате на тоа дека во сите луѓе има добрина, тоа ќе го најдете.

Тајната е: Дали одлуките ги носите СВЕСНО?
Несвесните избори најчесто носат лоши резултати. Значи она на што ќе се фокусирате, тоа ќе го почувствувате, без оглед дали е вистина или не.

Втората одлука која ја носите е значењето на нештата
На сѐ што ви се случува вие давате некакво значење – „овој не ме сака“, „ме искористуват на работа“ и слично. Но, вие можете да го изберете значењето на сѐ она што ви се случува непосредно или глобално што влијае на вас. На пример: во случај кога пазарот се менува, вие треба да одлучите дали ова е крајот или почетокот. Ако ги третирате луѓето како да е почеток на врската и сте среќни, работите ќе траат.
Од значењето зависи како ќе се чувствувате и каков ќе биде вашиот живот.

Третиот избор, откако ќе се одлучиме на што да се фокусираме и какво е значењето, е што ќе направиме.
Дали ќе се откажеме или ќе одлучиме да бидеме силни и фокусирани, да направиме промена или да чекаме и да видиме? Во крајна линија, судбината е одредена од она што ќе го направиме.

Што ако ви кажат дека имате тумор? На што ќе се фокусирате? Дали ќе си речете дека е готово. Дали ќе си помислите – ќе умрам ли, дали има излез, дали да барам второ мислење?

Ленс Армстронг веднаш се фокусирал на наоѓање решение. Неговиот став бил дека ова е најголемата битка што ќе ја води и ќе ги искористи сите можности. Ваквиот став можеби не гарантира дека ќе се успее, но интересно е кога имате таков ментален склоп тоа ве менува. Тешко е да се каже дека само вистинските избори го довеле Ленс да го победи ракот, бидејќи понекогаш, како и за сѐ друго во животот да постои некаква милост. Впрочем, во животот постојат три нешта: способноста да избереш, да се посветиш (да добиеш резултат) со правилна стратегија да ги реализираш целите, и на крајот, постои милост или среќа. Но во случајот на Ленс, тој одлучил да биде подобар од другите натпреварувачи.
Да ја спомнеме и одлуката на една Афроамериканка која пред половина век одлучила да не оди во задниот дел од автобусот бидејќи сметала дека немаат право да ѝ го одземат достоинството.
Одлуката да кажете: НЕ, доста беше, нема повеќе ова да го трпам, може драстично да ви го промени животот. Одлучувањето да направите нешто поразлично, може да ви го промени животот.

Leave a Reply