was successfully added to your cart.

Cart

Да се биде дел од некој спорт, генерално, генерира различни социо – економски добивки. Спортот може и остава големо и позитивно влијание врз личноста, заедницата, па  би рекле и во целото општество. Иако спортот генерално се поврзува со помладата популација, сепак  тој не ги исклучува сите возрасни групи и пол.

Во развиените држави сериозно се пристапува кон спортот и притоа се креираат стратегии за негова широка застапеност, а воедно се планираат и инвестиции кои ги земаат предвид позитивните искуства од најниско до највисоко ниво и тоа не само во земјата, туку и во светски рамки, посебно оние кои се научно поткрепени.

Таквиот пристап несомнено овозможува да се постигнат значајни резултати на секое поле, како  во конкретни спортски дисциплини, така и во областа на економијата. Во одредени држави, како на пример, Англија, приходите од спортот придонесуваат со околу 2 % во вкупната економијата на земјата, при што вработувањата во оваа гранка се значаен дел од вкупниот број вработени во земјата.

Придобивки за здравјето

За здравствените придобивки од спортот толку многу е пишувано и зборувано, што не зачудува фактот кога и денес експертите од областа на медицината укажуваат на потребата од почесто спортување и зголемување на физичката активност, посебно кај децата и младите.

Нивните сугестии не се случајни, бидејќи спортот придонесува за намалување на ризикот од заболувања барем кај дваесеттина болести. Имајќи ги во предвид овие сознанија во развиените земји толку многу се вложува во спортот, зашто здравјето и спортот на годишно ниво овозможуваат државите да заштедат милиони евра на личното здравствено осигурување.

 

Влијанието во културата и општеството

Одредени студии и истражувања го потврдуваат позитивното влијание на спортот и во областа на образованието каде што е констатирано, младите кои се бават со спорт имаат зголемено присуство и активности во училиштето, помалку се откажуваат од истото, а процентот на ученици кои го продолжуваат своето образование на повисок степен е зголемен. Колку позитивно влијае спортот кај младите, го потврдуваат и  нивните оценки во училиштето кои се многу подобри во однос на оценките кај нивните врсници кои не спортуваат.

Спортот им помага на младите и во поставување на нивните цели и стекнување на сигурност во работата и воопшто во живеачката. Преку тимската работа тие го развиваат тимскиот дух, а воедно ги  развиваат и вештините за решавање на одредени проблеми.

Јакнењето на самодовербата кај младите луѓе е најголемата психолошка придобивка која ја овозможува спортот. Низ напорната работа се постигнуваат поставените цели, а со тоа расте и самодовербата  која во исто време е награда и успех за секој човек, но и процес преку кој постојано се учи.

Никогаш не е доцна да се започне со одредена спортска активност. Голем број од нашите сограѓани, кои се бават со трчање и учествуваат на полумаратонски и маратонски трки, започнале да спортуваат по 30-тата година од животот.

„Бизнис 3 х 3 Баскет Лигата“ ја има токму таа цел, да го разбуди спортскиот и натпреварувачки дух кај луѓето кои се презафатени со работа, да ги врати на терен поранешните активни спортисти и вљубениците во кошарката.  Спортувањето во секој случај може само да нѐ направи подобри.

Leave a Reply